Е.Пелистер експресно капитулираше, Магдебург се прошета низ Битола

26

Нема чудо во Битола. Е.Пелистер е совладан од Магдебург со убедливи 24-32 (9-15) во првиот осминафинален натпревар во Европската лига. Со овој резултат станува јасно дека европската авантура за македонскиот претставник заврши уште на првата средба.

Мандалиниќ со шест погодоци од кои три седмерци беше прв стрелец, Граџан имаше шест, Чаневски запиша шест интервенции, на другата страна Магнусон имаше десет гола од 11 обиди.

Битолчани беа во грч, ништо не функционираше во составот на Жељко Бабиќ, имаа трема, со голем респект гледаа кон противникот. Ова одлично го искористи бундес-лигашот, со две серии брзо го реши мечот. Поведе со 0-4, првиот гол македонскиот тим го постигна во седмата минута преку Мараш.

Маркоски намали на 2-4, а Костески промаши две чисти шанси за израмнување. Магдебург казни, со серија од 1-7 зголеми на 3-11 во 20. минута. Грин беше одличен на голот, запиша седум интервенции. На полувремето беше 9-15.

По само пет минути игра во второто полувреме, гостите поведоа со 9-18. Избраниците на Жељко Бабиќ немаа ниту сила, ниту шанса да се вратат на овој натпревар. Ракометарите на Магдебург рутински го приведоа мечот.

Вториот дуел се игра за седум дена (30 март) во Германија, но претходно Е.Пелистер му гостува на Вардар во рамките на плеј-офот.

ПретходноМаркез, сепак, ќе ги прескокне првите две трки од новата Мото ГП сезона
СледноБабиќ: Не успеавме да уловиме голема риба