Денеска на Градскиот стадион во Струга, со почеток од 13 часот, закажано е второто полуфинале во Купот на Македонија. Се среќаваат Струга Трим Лум и Силекс. Се игра еден меч и победникот на 19 мај во големото Куп финале на Македонија против Академија Пандев ќе се бори за пехарот во нашето најмасовно спортско клубско натпреварување. Познато е дека вчера струмичани, во првото полуфинале со 3:1 славеа во Ѓорче против Македонија ЃП.
Струга Трим Лум е еден од нашите најмлади клубови, формиран е во 2005 година, ова му е втора сезона во ПМФЛ. И второ учество во 1/2 финалето. Лани поради прекинот не доби шанса да дојде до историја, до историски пласман во финалето, па и до пехарот. Сега одново е во одбрано друштво, денеска во случај на триумф над Силекс ќе испише клупска историја. Ќе дојде до својот најголем успех во шестгодишното постоење.
Стружани со својот тренер Срѓан Захриевски, кој е еден од фуадбалските легенди на Силекс, е во улога на мал фаворит со оглед на тоа дека се игра во Струга и што се игра еден меч. Па и поради моменталната форма.
Но кој може да го отпише Силекс, кој оваа пролет иако игра добро, но сепак има очајни резултати.
Што се однесува до кратовци, тие во историјата на самостојна Македонија имаат три финалиња во кои двапати го освоиле купот. Во 1994 година на пенали славеа против Пелистер, следната година загубија од Вардар, а во 1997 во Кавадарци ја топрпедираа Слога Ј со 4:1.
Звучи неверијатно, но Силекс на пласман на големото финале чека дури 24 години, од таа 1997 година.
Кога сме кај традицијата на меѓусебните дуелит на овие две екипи, досега Струга Трим Лум и Силекс одиграле пет натпревари. Стружани имаат две победи, две ремија и само еден пораз и тоа во Кратово. Во Струга се одиграле три меча, домашните победиле двапати, а еден меч завршил без победник.
Значи на Силекс не му оди баш најдобро во Струга.
Сепак, пред нас се 90 минути, ќе следиме жестока битка, силите ќе ги одмерат две екипи со подеднаков квалитет со амбиција да се најдат во големото финале.
И денеска во случај на реми по истекот на 90 минути нема да има продолженија, веднаш ќе се изведуваат пенали.