Годините летнаа: Чупиќ го одигра последното танго во ЛШ како вардарец (ВИДЕО)

47

Иван Чупиќ го одигра последниот натпревар во дресот на Вардар во Лигата на шампионите. Хрватскиот репрезентативец со златни букви ќе биде запишан во историјата на македонскиот тим. Беше дел од двете шампионски титули во Лигата на шампионите, го водеше овој тим низ убавите и тешки денови, го сакаше како свој, ја бираше љубовта пред парите.

На првиот фајнл-фор токму со неговиот погодок Вардар го совлада ПСЖ и се искачи на тронот. Чупиќ заедно со уште неколку момци останаа и подолго од шампионските денови. Тој лани покажа дека навистина го сака „црвено-црното“ семејство, му подаде рака на Вардар во тешките денови, парите ги стави во втор план, ги одби богатите понуди за да остане уште една година во Скопје.

Голема штета што неговите два последни натпревари како играч на Вардар завршија со тажен крај. Веспрем убедливо славеше во осминафиналето, кое пак брзо ќе биде заборавено, Чупиќ има по што да го памети Скопје и овој клуб кога станува збор за Лигата на шампионите.

На двапати илијадници луѓе излегоа низ улиците на главниот град да ги пречекаат шампионите, им симнаа капа на хероите во „црвено-црн“ дрес, денови кои никогаш нема да бидат заборавени.

Во Вардар дојде од тимот на Келце, постана првиот играч кој успеал две години по ред да ја освои титулата, но со два различни тимови.

Следната сезона Чупко ќе биде дел од ППД Загреб, пред да замине неговата цел е двојна титулата во македонскиот шампионат, и пласман во завршницата во СЕХА.

ПретходноСкендеровски: Жално е кога ќе загубиш на ваков начин, со гол што не е гол!
СледноЛазаров: Секогаш сум сакал големи предизвици