Македонскиот одбојкарски репрезентативец Филип Деспотовски заврши со обврските во Естонија. Откако го напушти ПАОК со кого ја почна новата сезона и реши да се пресели на Балтикот, репрезентативниот техничар натпреварувачката 2020/21 ја заврши со едно сребро во естонската одбојкарска елита, но исто така со неговиот клуб Саарема беше втор и во рамките на силната Балтичка лига.
„Веќе 4 дена сум дома и сега полека се опуштам, но само кратко бидејќи не чекаат репрезентативните обврски во Сребрената лига. Навистина сум задоволен од сезонава. Знаете како почна во ПАОК, беше добро, се додека поради недоразбирањата со тренерот со кого, професионално, не бевме на иста бранова должина, заминав во Естонија. Таму навистина силна сезона, квалитетни средби и по едно сребро во Естонската и Балтичката лига“, вели Деспотовски.
Грчкиот стратег со кого соработуваше во Саарема вели дека е чиста спротивност од оној во ПАОК.
„И во Естонија имав тренер Грк, но сосема спротовно од ПАОК. Голем професионалец и пол со разбирање. Влеваше самодоверба што за еден техничар можеби е најважната работа“, додава нашиот репрезентативец.
Тој сега е без обврски кон екипата на Саарема и вели дека засега не знае каде ќе продолжи на есен.
„За догодина има доста понуди. Нешто пропаѓа во вода уште на старт, нешто разгледуваме, но мислам дека засега се уште не стигнала онаа вистинската понуда. Ќе видиме, има време“, заклучи репрезентативниот техничар, кој веќе на стартот на мај со нашата репрезентација ги почнува подготовките за европското одбојкарско лето.