Нашите најдобри ракометари на гостувањето кај Финска славеа со 22-27 и ја запишаа четвртата победа во квалификациите за ЕП 2022 година. И во игра под нивото Македонија успеа да дојде и до убедлив триумф.
По завршување на мечот предводникот на нашиот национален тим и капитен за СПОРТМЕДИА изјави дека победата е најважна.
„Нашата игра денеска не беше на ниво, но најважно од се е победата“, се првите зборови на Лазаров.
Причината за слабата игра не се должи ниту на факторот потценување на противникот, ниту пак на заморот. Најважно е да се направи добра анализа и да се поправат грешките.
„Не би рекол дека го потценивме противникот, максимално се вложивме и го подготвивме овој натпревар. Не сме уморни, нашата репрезентација е прилично млада освен јас и Миркуловски, и секогаш кога ќе се спомене умор тоа ќе биде само алиби.
Ќе анализираме и ќе ги поправиме грешките. Ова е големо искуство за сите нас. Она што ми се допадна е дека победуваме со прилична слаба игра во поголем дел од натпреварот. Им честитам на моите играчи за победата. Од утре со ладна глава ќе се подготвуваме за мечот со Швајцарија“, додаде Лазаров.
Македонија и Швајцарија играат во недека во СЦ „Јане Сандански“, ова е последен меч од квалификациите за ЕП 2022.