Македонската одбојкарска репрезентација од понеделник и официјално ги почнува подготовките за престојното издание на Европската Сребрена лига. Првиот собир, селекторот Никола Матијашевиќ го закажа во Струмица во понеделник од 12 часот.
Нашите одбојкари целиот период на подготовки ќе го поминат во салата „Парк“, каде и ќе бидат домаќини на првиот од двата турнири во групата „А“ од првата фаза на натпреварување, но и на финалниот турнир на најдобрите четири селекции, каде Македонија е сигурен учесник како домаќин на настанот.
„Во понеделник во периодот од 12 до 15 часот селекторот ќе го има собирот на репрезентативците во хотелот ’Сириус’. Потоа следува технички состанок, а попладнето и првиот тренинг. Комплетниот тренажен процес ќе се одвива во Струмица во салата ’Парк’“, ни потврди генералниот секретар на ОФМ, Зоран Карановиќ.
Со оглед на тоа што првиот турнир во Струмица почнува на 21 мај, во план е одигрување и на контролни средби.
„Засега нема ништо потврдено. Треба да видиме со селекторот каква комбинација најмногу ќе одговара. Во план се две контролни средби, но за тоа ќе се договориме следната недела“, додава првиот оперативец во нашата федерација.