Лазаров ги откри плановите до стартот на ЕП: Мора да бидеме трпеливи, верувајте не е лесно кога седите на клупа!

40

Во исчекување на противниците за настапот на седмото Европско првенство, селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров и неговиот стручен штаб веќе ги кројат плановите за периодот кој следи до стартот на истото.

По триумфот над Швајцарија, последниот дуел од квалификациите кои ги завршивме со историски учинок, пет победи и само еден пораз, исто колку и светскиот првак Данска, Лазаров најави дел од она што следи. Ова лето ќе биде бурно, нема да се чека да дојдат подготовките за континенталното натпреварување и преку видео-снимки да се проверуваат потенцијалните репрезентативци.

Македонија ќе одигра и квалитетни натпревари, а на истите шанса ќе добијат помладите репрезентативци, само на овој начин истите ќе соберат искуство плус, но и ќе ја добијат довербата на Лазаров. На изминатите првенства сите добро можевме да почувствуваме дека на поискусните им треба поцврста поддршка од помладите ракометари, ни се потребни квалитетни минути.

„Ќе ги искористиме следните шест-седум месеци да организираме квалитетни мечеви со квалитетни противници, да им дадеме шанса на помладите, да стекнат искуство пред Европското првенство. И самите знаете со какви противници ќе се сретнеме таму во групната фаза. Веќе придобивме неколку, но треба да придобиеме уште три до четири играчи, кои ќе можат на терен да придонесат со квалитет.

Во план имаме да создадеме Б-репрезентација, доколку се биде како што треба кон средината на јуни, ќе провериме доста играчи, да видиме во каква состојба се, да провериме и други ракометари кои не се најдоа во поширокиот список. Друго е кога гледате на линкови, друго е кога ќе ги видиме на лице место“, ни рече Лазаров.

Македонските клубови ќе имаат клучно влијание во созревањето на националениот тим. Многу пати до сега Лазаров потенцира дека сите мора да бидат трпеливи, овој пат по кој одат помладите не е едноставен. А дека навистина имаат поддршка можевме да видиме на лице место, по секој промашен удар, тој прв ги бодреше.

„Треба да бидеме трпеливи, знаете во каква ситуација бевме пред неколку години. Не е едноставно, јас сум задоволен како се одвиваат работите, Треба да се оди чекор по чекор, сакаме да создадеме нова генерација, нова македонска репрезентација. Тука треба да ни помогнат клубовите, треба да им даваат шанса на нашите играчи. Против Швајцарија, Мишевски и Талески, мене како тренер, ми одиграа 60. минути, и офанзивно и дефанзивно. Кога можат да играат против една Швајцарија и една Данска, можат да играат во своите клубови. Не би сакал да бидам лошо сфатен, нив ги земав за пример, така треба да биде и за останатите.

Разговорам постојано со сите тренери во македонските клубови, со Стевче и Бабиќ, во контакт сум со сите. Треба да веруваат во тие дечки. Знам како е. И јас кога седам на клупа и не играм, не можам да го прикажам најдоброто. Самата игра ќе ве донесе во посакуваната форма“.

Она што е многу важно е добрата атмосфера. Убаво е кога поискусните сакаат да им помогнат на помладите. Кире е среќен што Столе, Митревски и Георгиевски не се штедат, играат како во најдобрите денови.

„Имаме време. Најважно е што почнавме добро и стекнавме добра атмосфера. Да им се заблагодарам на поискусните играчи, на Стоилов, Митревски и Георгиевски, кои се даваат како да се млади, да имаат 20 години“.

Ждрепката за ЕП 2022 година е закажана за во четврток.

ПретходноШвајцарците признаа: Македонија е силна селекција, секогаш е тешко против нив
СледноОдбојкарите се собраа во Струмица, почна мисијата: „Сребрена лига 2021“