Металург го искористи поразот на Охрид од Вардар и се искачи на четвртото место на табелата со 11 бода. Тимот од Автокоманда на списокот на должници расчисти уште едно име, на домашен терен ја совлада Струга со убедливи 35-28 (17-13).
Ова беше втор триумф за избраниците на Иван Марковски и неговите момци по Т. Пролет, вкупно трет во плеј-офот, во кој има две ремија и четири порази.
Ракометарите на Металург одиграа одлично во првото полувреме во кое одржуваа позитива од три до четири гола, на одморот беше 17-13. Во вториот дел предноста на домашниот состав растеше, 23-16 беше во 35. минут. За кратко време „металурзите“ се искачија на 25-18.
На другата страна гостите беа немоќни, за нив ова беше шести пораз.