Кечовски: Горд сум на момците и на стручниот штаб, Ангeли трпеливо стигнаa до Првата лига!

68

Општина Киселва Вода овој викенд имаше причина за радост, за првпат во историјата ќе има свој учесник во Првата кошаркарска лига. Екипата на Ангели одличната сезона ја заврши на најдобар можен начин, обезбеди место во мак-елитата, откако двапати го совлада Чаир 2030.

Трпеливо и со голема желба дојдоа до статусот за кој многумина сонуваат. Тимот од Драчево токму на 15-годишнината од своето постоење влезе во Првата лига. Кошаркарите на Ангели беа вистински хит оваа сезона, тргнаа убедливо, буквално доминираа во второлигашката конкуренција, на крајот сезоната ја завршија со 20 победи и само два порази.

„Би сакал прво да им честитам на сите, горд сум на момците, на стручниот штаб. Во тимот на Ангели израснаа многу генерации. Конечно после долги години напорна работа нашиот тим стана дел од Првата лига. Ме радува што овој успеах го остваривме на 15-та година од нашето постоење. Ангели е формиран во 2006 година во населбата Драчево, трпеливо со голема верба го остваривме овој сон“, ни изјави првиот човек на Ангели, Благоја Кечовски.

Ангели во изминатите сезони беше близу до Првата лига, но поради различни причини и фактори не успеваше да дојде до елитната виза.

„Изминатите три години бевме блиску до целта, но од разни причини не успеавме да обезбедиме влез во Првата лига. Оваа година доминиравме на терените, имавме дваесет победи и само со два порази, на гости први обезбедивме учество во кошаркарската елита. Овој голем успех за тренерите и за раководните лица на клубот ќе биде дополнителен мотив за работа во сениорската и сите останати младински екипи“, додава Кечовски.

Каков ќе биде изгледот на тимот за дебитанската сезона во Првата лига ќе биде познато во следниот период, раководството на клубот ќе има доволно време да се подготви за новиот предизвик.

ПретходноЕХФ ја објави саатницата за мечевите на ЕП 2022
СледноЗапочна одбројувањето: Уште еден месец до стартот на ЕУРО 2020!