Македонската одбојкарска репрезентација денеска во Врњачка Бања во Србија ќе го одигра првиот од двата контролни меча во подготвителниот период за настап во Европската Сребрена лига.
На првата контрола селекторот Никола Матијашевиќ ќе настапи со 15 репрезентативци. Стандардно на позицијата техничар ќе бидат Филип Деспотовски и Ѓорѓи Ѓорѓиев, Стојче Арсов ќе му биде замена на капитенот Никола Ѓорѓиев како втор коректор, средни блокери се Ристо Николов, Филип Маџунков, Славе Наков и Филип Савовски, либера Дарко Ангеловски и Костадин Ричлиев, а примачи Владо Милев, Александар Љафтов, Стојан Илиев, Лука Костиќ и Васе Михаилов.
Денешниот дуел го играме со А-селекцијата на Србија која исто така се подготвува за летните обврски. Средбата во Врњачка Бања е закажана од 17 часот, а утре нашите одбојкари се селат во Велиго Градиште каде ќе тестираат со Б-составот на Србија.