Купот на Македонија „Благоја Георгиевски-Буштур“ го доби и последниот полуфиналист. МЗТ Скопје можеше лесно да го завери местото во следната рунда, но им дозволи на Кумановци да се вратат во мечот и на момент да создадат паника. Се чини лекцијата е научена по оној пораз во СЦ „Јане Сандански“.
На крајот избраниците на Дарко Радуловиќ успеаја да слават со убедливи 100-84, во битката за финалето ги чека најголемото изненадување, Академија ФМП, кој го елиминираше Пелистер.
Почетокот најавуваше лесна победа за тимот од Аеродром, по првата четвртина имаше водство од 24-13, а по завршување на следниот период беше 50-35. Добрата игра на кошаркарите на Куманово по одморот ја врати возбудата на мечот, третиот период го добија со 23-32 и дојдоа на 79-77 во 34. минута.
МЗТ Скопје сепак успеа да се консолидира, со серија од 17-4 дојде до двоцифрена разлика (96-81) за пласман во полуфиналето.
Капитенот, Дамјан Стојановски со 20 поени ја заврши средбата како прв стрелец кај својот тим, Гравет имаше 16. Ливигнстон одново беше одличен, запиша 27 поени и 8 скока.