КУП НА МАКЕДОНИЈА: Силен отпор на ТФТ, но полуфинале за Работнички (ФОТО)

108

На второто четвртфинале меѓу Работнички и ТФТ во Купот на Македонија „Благоја Геогиевски-Буштур“ не видовме квалитетна пресметка, но затоа имаше инфаркт завршница.

Дебитантот одигра храбар меч, би рекле беше многу подобар противник од „црвено-белите“, но падна во самиот финиш. Искусниот Работнички благодарение на Ефремовски, кој погоди важна тројка, и двата поени на Бундовиќ зачекори кон полуфиналето. На крајот славеше со 66-62.

Ефремовски со 17 поени од кои пет тројки беше прв стрелец, зад него беше Питс со еден помалку. Кај ТФТ, Смит запиша 15, Хортон 13.

Најтрофејниот имаше проблем со реализација, упорно се форсираше шутот за три поени, но тешко одеше на стартот. Ниту пак одбраната беше на потребното ниво. Избраниците на Димитар Мираковски имаа водство од 6-2, а потоа ТФТ со серија од 11-0 направи целосен пресврт (6-13).

Дебитантот продолжи со добра игра и во втората четвртина, имаше позитива од 15-23. По 28-31 на одморот, Работнички постојано се мачеше да ја надополни негативата од пет до шест поени. Во решавачките десет минути успеа да намали на 48-50, а потоа да израмни на 50-50.

Младеновиќ со тројка успеа да го врати водството на Работнички по долго време (55-54). На четири и пол минути до крајот, Смилковски мораше да повика тајм-аут. Очекувано, следеа неизвесни минути и игра кош за кош.

Ефремовски на минута и пол до крајот со петата тројка зголеми на 62-59, по две грешки на противникот, Работнички не искористи два напади за печат на овој меч. Хортон погоди две слободни за 62-61 на 20 секунди до крајот, Бундовиќ ја заби топката на седум секунди и го реши дуелот.

Работнички на патот кон одбраната на пехарот, во полуфиналето ќе игра со подобриот од Еуро Никел и Гостивар.

ПретходноСинот на легедарниот Буштур специјален гостин во „Кале“ (ФОТО)
СледноКуп-фијаско на Гостивар, Еуро Никел си закажа полуфинале со Работнички