Градска пресметка за трофејот во Купот на Македонија „Благоја Георгиевски-Буштур“. Работнички и МЗТ Скопје по пауза од три години одново ќе се сретнат во финалето на ова натпреварување. Последен пат силите ги одмерија во 2018 година во Кавадарци, победник беше тимот од Аеродром.
Пехарот е само дополнителен мотив. Добро е познато дека кога станува збор за вечната пресметка, двата тима на теренот влегуваат со посебна страст и желба за докажување.
Во Купот на Македонија, Работнички и МЗТ Скопје се имаат сретнато шест пати, меѓусебниот скор е 3-3. Кошаркарите од „Градски парк“ се последните освојувачи, тогаш под водство на Марин Докузовски ја освоија Гевгелија. Сега на клупата на Работнички е Димитар Мираковски, кој има шанса да дојде до првиот пехар како тренер на овој тим.
На другата страна МЗТ Скопје ќе има шанса да се израмни по бројот на освоени титули во ова натпреварување со вечниот ривал, кој има десет пехари во своите витрини, еден повеќе од избраниците на Дарко Радуловиќ. „Сино-белите“ во полуфиналето имаа полесна задача од противникот, кој пак вчера по голема битка го урна составот на Еуро Никел.
Финалето во Купот на Македонија е закажано со почеток во 17:30 часот.
ФОТО: АБА 2-ЛИГА