Вчера по цели 140 години откако се игра ФА Купот, Лестер за првпат го освои пехарот во најстарото фудбалско натпреварување во Англија, но и во светот воопшто.
И како го освои? Со стил. Го совлада фаворизираниот тим на Челзи кој на 29 мај треба да игра финале во ЛШ против Манчестер Сити.
Бајката на Лестер трае веќе пет години, а започна со освојување на трофејот во Премиерлигата во сезоната 2015/2016 под водство на Клаудио Раниери.
Инаку Лестер како клуб, како тим и фанови има неверојатна поврзаност со својот спонзор, односно неговите наследници ако се знае дека Шривај Шриваданапраба загина во хеликоптерската несреќа во 2018 година и тоа блиску до “Кинг Пауер“ стадионот на Лестер. Сега газда на клубот е неговиот син Аиват, кој исто така ја продолжува бајката која ја започна неговиот татко. Да потсетиме дека тие се богати бизнисмени од Тајланд.
А дека знае Лестер да работи доказ е и тоа дека во овие пет години продаде свои четири ѕвезди и “лапна“ 260 милиони евра, и пак е при врвот, и пак освојува трофеи и пак ќе игра во Лигата на Шампионите.
Нголо Канте во 2016 направи трансфер во Челзи, следуваше трансферот на Ријад Марез во 2018 година во Манчестер Сити. Една година подоцна Хари Мекгваер беше продаден во Манчестер Јунајтед, а минатото лето Бен Чилвел се пресели во Челзи. Сите овие играчи кога играа во Лестер беа најдобрите фудбалери на тој тим.
Ете, тоа е фудбал. И ако се пласираат во ЛШ за наредната сезона, на сите “гиганти“ ќе им покажат што мислат за Суперлигата.
ФОТО: ФБ на Лестер