Денешниот натпревар на Работнички против Ренова во Гостивар посебно ќе биде емотивен за мега – талентот на “романтичарите“ Лука Станковски. Имено младиот играч за врска, кој има само 18 години ќе го носи за последен пат дресот на Работнички, а потоа како што е познато, тој од 1јули треба да се појави во Монца, во клубот на Берлускони и Галијани, во тимот каде што прва ѕвезда е Марио Балотели.
Договорот кој е направен и потпишан уште зимоска, вели дека по завршување на тековната сезона, “малиот“ Лука треба да замине во Италија, значи време за Монца.
Не треба да се трошат зборови за Лука Станковски кој оваа сезоната просто “експлодира“ во тимот од Градски парк. Секако дека е еден од најдобрите во ПМФЛ за оваа сезона, која денеска завршува со одигрување на последното 33.коло.
Долго време, посебно во есенскиот дел речиси сам го носеше на свој грб тимот, беше едно време и прв стрелец на Работнички. Во целост го искажа сиот свој талент, и затоа сега ќе оди во Италија.