Од денеска и официјално Шкендија е шампион на Македонија. Тетовци по пауза од две години си го вратија пехарот во своите витрини, а истиот ќе го добијат денеска и тоа во пресрет на дерби дуелот со Шкупи, во меч од 33.последно коло во тековната сезона.
По мечот, некаде околу 19 часот, фудбалерите и сите во клубот ќе бидат дочекани од своите фанови “балисти“ на плоштадот во Тетово, каде ќе се одвива централната прослава за новата четврта шампионска ѕвездичка.
БЕЈТУЛАИ СЕ ВРАЌА, ШКУПИ 529 МИНУТИ БЕЗ ПРИМЕН ГОЛ
Секако дека Шкендија на последниот натпревар, и тоа против Шкупи, ќе сака да победи, ќе сака со стил да ја заврши сезоната. Добра вест за стратегот Ернест Ѓока е таа дека по пауза од три кола во тимот се враќа репрезентативецот Егзон Бејтулаи. Додека Дориев и Дита нема да бидат во комбинација.
Шкупи предводен од Гоце Седлоски, доаѓа во Тетово како тим кој нема примено гол цели 529 минути. Тоа секако ќе биде предизвик за Ибраими, Елези, Нафиу, Хебај и останатите напаѓачи на Шкендија барем еднаш да го совладаат голманот на чаирчани Кристијан Наумовски.
Во секој случај се очекува добар натпревар, растоварен од резултатскиот притисок и од двете страни, Шкендија и Шкупи би требало да се прикажат во најдобро светло.