Еуфорија во градот на поезијата, еуфорија во Струга Трим Лум. Најмладиот фудбалски колектив во Македонија ова лето ќе игра во фудбалска Европа. Па кој можеше да претпостави вакво нешто некаде лани во август. Но благодарение на играчите, стручниот штаб на чело со Срѓан Захариевски, секако раководството на клубот, испишана е клупската историја.
Еден од најдобрите поединци во Струга ТЛ, но и во целата ПМФЛ сезонава, секако дека беше дека е Јасмин Мециновиќ, кој за СПОРТМЕДИА истакна…
“Да, да. Еуфорија е во Струга. Доцна синоќа кога се вративме од Кратово, на плоштадот не пречекаа нашите фанови, навистина ги израдувавме со победата над Силекс. Следуваше песна, се сврте и некое оро. Прекрасна глетка, јас сум воодушевен. Имаше и огномет, како што доликува на еден ваков голем успех. Сите играчи се херои, да се победи Силекс на негов терен со 10 играчи секако дека голема работа“ вели Мециновиќ.
Тој не заборави да каже дека е задоволен од неговиот настап сезонава.
“Ако сакате да бидам искрен тогаш мора да напоменам дека ова за мене беше најдобрата сезона во кариерата. И кога е така тогаш морам да бидам задоволен. Имаме одлична екипа, желна за докажување, вистинско другарство владее во тимот кое помогна да дојдеме до овој историски успех. Видете, па ние завршивме на трето место и тоа со само два бода минус од еден Шкупи. Секако дека ова е историски успех на Струга Трим Лум. Кога дојдов во клубот очекувањата не беа баш вакви, но од меч во меч, кога се виде нашиот квалитет јасна беше целта. Таа беше Европа, ете ја остваривме. Штета за Купот, ако се пласиравме во финалето тогаш ќе беше перфекција, но и ова е историја за Струга ТЛ“ заклучи одличниот дефанзивец.