ПУ-ПУ не важи: КФСМ се предомисли – нема „балони“ ама може ќе има парична награда?

67

КФСМ во изминатиот период ставот го смени многу пати. Раководството на нашата „куќа на кошарката“ постојано нешто менува, додава…Најново е начинот на одигрување на плеј-офот, кој стартува веќе во среда.

На почетокот на минатиот месец на официјалната страница на КФСМ стоеше дека битката за титулата ќе се игра во „балони“, а истите ќе бидат на товар на првите луѓе на федерацијата. Но, уште пред да почне Купот на Македонија, одлуката е сменета. 

КФСМ сфати дека нема потреба да си прави дополнителни трошоци, состојбата со Ковид-19 се погоди како „кец на десетка“, бројките на нови случаи паѓаат, па сега ќе се оди според стариот добар систем: дома на гости.

Но, од оваа сезона треба да има една важна промена кога станува збор за освојувачот на титулата. Пред две години, Перо Антиќ и неговите соработници пред да застанат на чело на федерацијата ветија паричен награден фонд за шампионот.

„Мора да почнеме од најглавното, обезбедување на партнер на Лигите, не само на сениорските лиги, туку во сите. Тие котизации што ги даваат клубовите, таа сума да биде како награден фонд. На крајот на годината да имаат за што да се натпреваруваат, освен она задоволство за пехарот, нема никаква друга добивка“, беше изјавата на Антиќ.

Минатата сезона не се доигра поради Ковид-19, но еве, оваа веќе ќе имаат шанса да го исполнат ветувањето, да влезат во историјата на македонската кошарка како први кои направиле голем чекор. Покрај пехарот, на победникот ќе му додаделат одредена сума на пари, а колкава ќе биде и дали навистина ќе се случи ова останува да биде познато пред финалниот чин или можеби нешто порано.

ПретходноФФМ покренува дисциплинска постапка против Шкендија!
СледноФ4 во Будимпешта ќе се игра пред публика