Алисон е шестиот голман со гол во Премиер лигата, но e единствен кој погодил со глава

64

Ливерпул во последните секунди извлече победа на гостувањето кај ВБА (1:2) и остана во трката по место во Лигата на шампионите. До крајот има две кола, а „Црвените“ се обидуваат да го зграпчат тоа четврто место во Премиер лигата кое ќе ги однесе во европската клупска елита наредната година.

Победата над ВБА ја обезбеди Алисон Бекер, голманот на Ливерпул буквално во последните секунди. Неговиот гол падна во 94:18 минута што е најдоцен гол на Ливерпул после оној на Бентеке во март 2016 против Кристал Палас кој падна во 95:10 минута.

А Бразилецот е првиот голман на Ливерпул што постигнал погодок, а исто така и првиот голман што реализирал погодок со глава од формирањето на Премиер лигата во 1992 година. Да потсетиме вкупно Алисон е само шестиот голман кој реализирал гол во Премиер лигата. Првиот беше Петер Шмајхел кој постигна гол за Астон Вила против Евертон во 2001 година и тоа со волеј удар. Данецот има 13 гола во кариерата, а меѓу нив и изедначувачки за Манчестер Јунајтед против Ротор во Купот на УЕФА во 1996 година.

На списокот се уште Бред Фридел и неговиот гол за Блекбурн против Чарлтон во февруари 2004 година, Пол Робинсон со шут од голема далечина на мечот меѓу Тотенхем и Ватфорд во 2007 година, Тим Хауард исто така од голема далечина на мечот меѓу Евертон и Болтон во 2012 година. Асмир Беговиќ реализираше за Стоук по само 13 секунди од мечот против Саутемптон во 2013. Босанецот ја шутна топката далеку пред противничкиот шеснаесетник, таа отскокна го измами Боруц и заврши во мрежата.

ПретходноИ официјално: Станковиќ на клупата на Ц. Звезда до 2024 година!
Следно16 скијачки клубови обвинуваат дека новиот претседател на федерацијата е избран со ФАЛСИФИКАТ!