Вечерва во 19 часот на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје, ќе се одигра 28.финале во Купот во самостојна Македонија. Минатата година поради пандемијата не се доигра завршницата, а последен победник е Академија Пандев, која во мај пред две години на пенали славеше над “лавовите“ од Ѓорче.
Струмичани во своето второ финале ќе одат по вториот трофеј, додека Силекс го чека пехарот цели 24 години. Последен пат го освоил во мај далечната 1997 година и тоа против Слога Ј или Шкупи по ново, во Кавадарци.
Ова е битка за пехарот меѓу А. Пандев и Силекс, ова е битка и за спас на сезоната, но и за излез во Европа. Кој ќе победи тој ќе игра во квалификациите во Конфренциската лига на Европа.
Значи ова финале е премногу значајно и за двете екипи, кои некаде во август минатата година беа споменувани како кандидати за висок пласман, а завршија долу во штотуку завршениот шампионат. Струмичани во последното коло се спасија од бараж за опстанок, додека кратовци ги чека тешка задача во вторник против Тиквеш да го обезбедат својот опстанок.
Ова ќе биде и меч во кој и двата тренери, Васоски и Симов, ќе дебитираат како стратези во едно финале во Купот. И двајцата важат за тренери – фајтери, и двајцата сакаат нивниот тим да нападне.
Затоа очекуваме напаѓачки и отворен фудбал вечерва, се надеваме и на многу голови.
На крај да кажеме дека во случај на нерешен резултат по 90 минути, победникот во ова финале ќе го дадат продолженијата или на крај и пеналите.
Значи време е за финале, време е за 28.финале во Купот на Македонија.