Пред речиси полни трибини во Веспрем Арена, Нант успеа да го преживее пеколот и да го завери пласманот на Ф4, вкупно втор во својата историја.
Францускиот тим ја одбрани позитивата од четири гола од првата средба, на вториот четвртфинален натпревар беше поразен со 32-30.
Ова значи дека нашиот најдобар ракометар, Кирил Лазаров ќе го игра седмиот Ф4 во Лигата на шампионите. Трипати учествуваше со Барселона, по еднаш со Нант, Суидад Реал и Атлетико Мадрид.
Кире средбата ја заврши со четири гола од десет обиди, Дејан Манасков на другата страна два гола од исто толку обиди.
Нант подобро влезе во мечот, одржуваше позитива од два до три гола. Но, унгарскиот состав успеа да се врати, дојде на плус четири пред крајот на првото полувреме (18-14). На одморот беше 18-15.
По последните 20-16 на почетокот на второто полувреме, Нант успеа да израмни на 20-20, а подоцна да поведе со 23-25. Сепак залогот на оваа средба беше голем, со помош на пеколното добра атмосфера од трибините, добриот Коралес и грешките на францускиот тим, Веспрем поведе со 27-25. Црната серија од седум минути без гол ја прекина Лазаров за 27-26.
Домашниот тим одржуваше предност од два до три гола. И двете страни во самиот финиш имаа свои шанси, но како што растеше притисокот, така грешките беа неизбежни. Двајцата македонски репрезентативци Лазаров и Манасков реализираа важни погодоци на две минути до крајот. Одличниот Нилсен го спречи Веспрем да се врати во мечот.
Место на Ф4 претходно обезбедија ПСЖ и Алборг, најверојатно четвртиот патник ќе биде Барселона.