Два дена по завршувањето на финалето на Купот на Македонија, во кое неговиот тим загуби од Силекс на пенали, Александар Васоски вели дека тоа е фудбал. Дека на вакви мечеви некогаш и среќата е решавачки фактор.
На прашањето дали останува и натаму прв тренер на Академија Пандев или онаа изјава од пресот со која наговести дека можно е и да си замине, е точна, Васоски за СПОРТМЕДИА одговори…
“Прво ќе одам на одмор, малку да ги средам мислите. Ова беше напорна и турбулентна полусезона. За мојата иднина во Академија Пандев што да се каже? Секако дека прво треба да се видам со Горан Пандев, со човекот кој што е газда на клубот. Ќе седнеме, ќе поразговараме, ќе видиме што и како понатаму со клубот. Дури потоа можам попрецизно да кажам дали Васоски и натаму ќе биде во Академија Пандев. Во моментов мој приоритет е да останам, но како што кажав ќе видиме. Во меѓувреме добивам понуди од клубови од странство, не и од Македонија, сепак предност има Академија Пандев, но, нели, се е можно. Можам да кажам дека во деновите што следат, најверојатно до 1 јуни, некои работи би требало да бидат појасни“, ни изјави Васоски.