Македонската одбојкарска репрезентација вечерва од 20 часот во струмичката сала „Парк“ ги почнува настапите во Европската Сребрена лига на ЦЕВ. Како организатор на првиот турнир, за противник ја имаме селекцијата на Кипар, која и квалитативно и според рејтингот, е послаборангирана од нас.
Селекторот Никола Матијашевиќ веќе ги одбра 14-те одбојкари на кои ќе смета за првиот турнир во Струмица на кој покрај вечерашниот дуел со Кипар ќе имаме и пресметки со Израел в сабота и со данска в недела. Листата на одбојкари е во најголем дел оставена од нашите стандардни репрезентативци кои претходно го обезбедија и второто учество на европските шампионати.
Селекцијата на Кипар е комплетно составена од одбојкари кои настапуваат во тамошното првенство. Во квалификациите за пласман на ЕП, Кипар беше последен во својата група во која Летонија го освои првото, Шпанија второто, а Молдавија третото место. Кипраните имаа две победи над Молдавија и Шпанија со кои потврдија дека знаат да изненадат.
Ние на вечерашниот меч влегуваме како фаворити и со надеж за прва убедлива победа, без разлика што за нас резултатски овие мечеви на двата турнира во Струмица и во Шлагелсе практично немаат квалификациско значење за Ф4 турнирот. Како домаќин, Македонија без разлика на пласманот во групата ќе биде дел од четирите селекции кои ќе разигруваат за титулата во Сребрената лига на ЦЕВ.