Битка за Ла Лига: Атлетико (М) сам решава за тронот, Реал се „моли“ во Ваљадолид на Роналдо

377

Битката за фудбалскиот трон во Шпанија попладнево ќе ја има последната етапа. Лутите мадридски ривали, Атлетико (М) и Реал (М), во најголем дел сами ќе одлучуваат за својата судбина.

Пред три месеци Атлетико Мадрид важеше за сигурен нов шампион на Шпанија, со предност од фантастични 7 бода и натпревар помалку од градскиот ривал Реал Мадрид. Судбината, сепак, сакаше да ни понуди неверојатно сценарио, помешано со многу перипетии околу трката за тронот во ла Лига, во која пред крајот се вмеша, па истата ја напушти и Барселона.

„Кралскиот клуб“ не ја искористи златната шанса која му ја дадоа момците на Чоло Симеоне со несфатливиот пад во формата. Кога требаше да победат и да го преземат врвот, тие стигна само до реми против Севилја во Мадрид и работите се вратија на почетната позиција.

Пред денешното последно коло во Примера битката за титулата низ бројки изгледа вака: Победа за момците на Диего Симеоне на гостувањето кај аутсајдерот Ваљадолид ќе им ја гарантира 11-та титула во Ла Лига, без оглед како заврши дуелот Реал – Виљареал. Во случај на пораз или реми на „јорганџиите“ и триумф на 13-кратниот европски клупски шампион, Реал ќе ја одбрани „круната“.

Интересно е што Ваљадолид исто така има за што да се бори денеска на дуелот со Атлетико. Тимот е на претпоследното место, но ако освои 3 бода може да се спаси од испаѓање. Покрај тоа, според некои гласини во Шпанија, мнозинскиот сопственик, феноменот Роналдо, кој е легенда на Реал, понудил 150.000 евра за секој играч доколку неговиот тим победи и избори опстанок.

Натпреварот со Виљареал, пак, може да биде последен за тренерот на „кралевите“ Зинедин Зидан. Французинот во повеќе наврати изјави дека ќе ја објави својата одлука за иднината во тимот по завршувањето на сезоната, но шпекулациите велат дека тој ќе замине.

Комплетните дуели од последното коло на Ла Лига закажани за денеска, стартуваат од 18 часот.

ПретходноМакедонија вечерва против Израел: Без калкулации, сакаме нова победа
СледноЛече го избрка тренерот кој го држеше Николов на клупа