Како второпласиран тим во изминатата сезона во ВМФЛ – ЗАПАД, Охрид доби можност преку бараж да се најде во фудбалската елита. Ривал во тие решавачки 90 минути ќе биде искусниот состав на Ренова. Мечот се игра утре на ФФМ во Скопје со почеток во 16 часот. Кој ќе победи во следната 2021/2022 сезона ќе игра во ПМФЛ. Во случај на нерешен резултат по 90 минути, веднаш ќе се изведуваат пенали.
За тоа што може да се очекува од Охрид, свој коментар има стратегот на тимот Драган Бочески за СПОРТМЕДИА.
„Уф, ова е натпревар за кој се боревме, игравме, победувавме во текот на целата измината сезона. Ете, дојде и тој ден во кој ќе се одредува судбината на Охрид за следната сезона. Наша желба е конечно Охрид по цела една деценија да го вратиме во елитата“, посочи Бочески.
Тој во продолжение напомена дека им дава мала предност на “гипсарите“…
“Нема сомневање дека ќе биде тешко, Ренова е искусна, квалитетна екипа, затоа и давам мала предност. На наша страна ќе биде големиот мотив, борбеноста, агресивноста, желбата. Се надевам дека по мечот ќе го израдуваме цел Охрид, а посебно нашите фанови. Немам проблеми со составот, можам да сметам на сиот свој играчки кадар“, истакна Бочески.
Инаку експедицијата на Охрид од попладнево е во Скопје. Таа вечерва ќе биде во карантин во хотелот “Парк“, каде во една мирна и релаксирана атмосфера ќе го очекува утрешниот бараж дуел со Ренова.
ФОТО: ОХРИДЊУС