Од Австралија дојде момче ПЛАНИНА – со срце за Македонија!

28154

Метју Божиновски е нашиот нов „кенгур“, фудбалер кој е ново име на списокот во младата репрезентација кај селекторот Боби Милевски. Има 20 години, игра на позицијата стопер и е член на Мелбурн Сити од Австралија. Ова момче ќе го има своето деби за Македонија и тоа во селекцијата до 21 година која на 3 јуни гостува во Словенија на пријателски натпревар. А денеска на терените на ФФМ кој помина и виде не можеше да остане рамнодушен.

Младо момче со тренерот Роберт Стојановски (помошник на селекторот Милевски), со посебен тренинг. Кој е ова!? И веднаш одговор: Момчето од Австралија – Божиновски. И што да се види – ПЛАНИНА! Висок 1,95 – топката се чини пука кога ќе ја шутна.

Таква снага, таква моќ… реткост за фудбалер, ако со шпиц да ти е страв да влезеш во дуел со него.

„Дојдов неколку дена порано, да се прилагодам – среќен сум што ете ќе играм за Македонија“, ни коментира Метју Божиновски кој разбира македонски јазик но зборува како и сите нашинци од петтиот континент со микс на наши и зборови од англискиот јазик.

„Моите родители се од Македонија. Татко ми од Битола а мојата мајка е од Прилеп. Втор пат сум тука – бев во зимата 2017 година“, појаснува ова младо но робузно момче кое прска со својата позитивна енергија и насмевка на лицето која кажува дека е среќен што е тука. За тоа каде игра што прави во Австралија , Божиновски одговара:

„Играм за младинскиот тим на Мелбурн Сити. Кога ја добив понудата да играм за Македонија немаше дилеми. Со моите родители експресно прифативме. Мојот сон е да играм во Европа, во некои од најсилните лиги и мислам дека тој пат ќе биде полесен со настапите за Македонија“.

Младиот стопер има информации за фудбалот во Македонија, секако ги гледал настапите на сениорската репрезентација:

„Среќен сум што Македонија ќе игра на ЕП. Се надевам дека во иднина и јас како дел од оваа репрезентација ќе успеам да играм на голем турнир. Од клубовите во Македонија ги знам Пелистер, Победа и Вардар. Во Австралија покрај мојот Мелбурн Сити ги сакам и Престон Лајнс на нашите иселеници во Австралија. Како член на младиот тим на Мелбурн играм против нив. Мојот вујко играше за Престон…“, вели оваа наша дефанзивна надеж кој со 1,95 секако е еден од највисоките фудбалери кои некогаш го носеле дресот на Македонија.

Само напред Метју Божиновски…!!!

ПретходноХаланд го победи Левандовски во трката за најдобар играч во Бундеслигата!
СледноДонарума по мечот со Аталанта веќе се збогувал со играчите на Милан!?