Утре завршува шампионатот во елитната лига на Албанија. Што е интересно дури четири екипи се во “игра“ за освојување на титулата. Првото место го делат Теута и Влазнија со по 63 бодови, трет е Партизани со 62 бода, а Љачи има 61 бод и има речиси теоретски шанси да стигне до пехарот.
Инаку интересно е тоа што во првите три екипи има некогашни членови на Шкендија, и играчи и тренер, кои некогаш заедно беа дел од тетовскиот клуб. Па така може да се каже дека екс Шкендија ќе решава за титулата.
За Теута настапува Баже Тодоровски, тренер на Влазнија е Томас Брдариќ, а за Партизани покрај другите тука се и Ферхан Буба Хасани и Стенио Жуниор. Сите четворица од јануари до мај 2017 година беа заедно во Шкендија. Во Влазнија играат Мевљан Адили и Демир Имери, исто така некогашни играчи на Шкендија, додека во Партизани уште тука е и Егзон Белица.
На крај да кажеме дека Тодоровски со Теута, тим за кого настапува и голманот Целески е во предност. Им треба победа против веќе испаднатиот тим на Аполонија, а тимот од Драч има и најдобра гол разлика што на крајот се смета ако две екипи завршат со ист број бодови.
Влазнија игра дома со Љачи, додека Партизани му гостува на тимот на Билис Бјалш кој грчевито се бори за опстанокот.
Натпреварите од последното 36 коло се закажани за утре во 17 часот.