Интересни факти за финалето: Само еднаш имало пенали, Полска втор пат организатор, Рашфорд е најмладиот освојувач…

315

Фото: УЕФА

Вечерва се игра 12-тото финале во Лига Европа, не сметајќи го претходникот на ова натпреварување Купот на УЕФА. Во претходните 11 финалиња имало вкупно 34 голови или во просек 3,09 по натпревар.

Највисоката победа ја забележал Челзи кој во финалето во 2019 го совлада Арсенал со 4:1, а со три гола разлика славел уште Атлетико (3:0) против Атлетик Билбао (2012) и Марсеј (2018).

Најмногу голови на еден финален меч во ЛЕ паднале во 2015, 2019 и 2020 година. Во сите тие паднале по пет гола. Севиља го победи Дњипро со 3:2 во 2015, а во 2019 Челзи го победи Арсенал со 4:1 додека минатата година Севиља го крена трофејот по триумфот над Интер со 3:2.

Севиља е рекордер, со четири освоени трофеи и победи во сите финалиња во ЛЕ.

Виљареал е 16-тиот различен клуб во финале на ЛЕ.

Челзи во 2018/19 стана единствениот засега клуб кој го освои трофејот во ЛЕ без да изгуби натпревар (12 победи и 3 ремија). Виљареал може да стане вториот со победа во Гдањск вечерва.

Никогаш немало исклучување во финале на ЛЕ.

Само еден автогол имало во финале на ЛЕ, го постигна Ромелу Лукаку на мечот меѓу Интер и Севиља минатата година.

Три пенали беа судени во финале на ЛЕ и сите се успешно изведени – Оскар Кардозо за Бенфика против Челзи во 2013, Еден Азар за Челзи против Арсенал во 2019 и Лукаку за Интер против Севиља во 2020.

Само еден победник е одлучено на пенали. Тоа се случи во 2014 година кога Севиља ја совлада Бенфика со 4:2 по удари од белата точка, откако во регуларниот дел и продолженијата беше 0:0.

Седум играчи постигнале по два гола во едно финале на ЛЕ – Форлан, Фалкао, Бака, Коке, Гризман, Азар и Де Јонг. Се уште нема хет-трик.

Најмладиот фудбалер кои го освоил трофејот на ЛЕ е Маркус Рашфорд кој со 19 години и 20 дена го освои трофејот (2017 година), а највозрасниот е Франк Лампард со 34 години и 329 денови триумфираше со Челзи (2013).

Маурицио Сари е највозрасниот тренер, со 60 години и 139 дена го предводеше Челзи до пехарот во 2019. Најмладиот е Андре Вијас-Боаш кој со 33 години и 213 денови го однесе Порто до трофејот во 2011.

Полска вторпат е организатор на финале на ЛЕ. Во 2015 година финалето се играше во Варшава. Претходно Германија два пати организираше финале во ЛЕ (Хамбург 2010 и Келн 2020).

ПретходноЈунајтед по вториот, а Виљарел по првиот трофеј во Лига Европа
СледноКаманвинга побара трансфер во ПСЖ, не сака во Реал и Арсенал