МЗТ Скопје направи „брејк“, ја освои Битола и поведе со 1-0

137

Пелистер и МЗТ Скопје дадоа одличен вовед на полуфиналната пресметка. Првиот дуел во Битола заврши во корист на гостите (72-79), кои поведоа со 1-0 и се најдоа на победа до финалето. Ова е прв триумф за „сино-белите“ оваа сезона во Битола.

Домаќинот на овој дуел имаше позитива од 16 поени, но не знаеше како да ја сочува. На другата страна скопскиот состав иако влезе уморен на оваа пресметка најде начин и сили да се врати. И на крајот да победи.

Битолчани влегоа силно во дуелот поведоа со 14-0, првите поени за гостите ги постигна Мекиќ во шестата минута. По првите десет минути беше 28-16. Кошаркарите на Пелистер поведоа и со највисоки 36-20, но оваа позитива брзо беше стопена. Со серија од 2-12, избраниците на Дарко Радуловиќ намалија на 38-32.

Седумте поени негатива на одморот за МЗТ Скопје не значеа ништо, ја вратија неизвеноста на мечот. На средината на третата четвртина се доближија на минус два (49-47), а потоа и израмнија на 51-51. Битолчани во последниот период влегоа со минимални 59-54.

МЗТ со поените на Бојиќ во 34. минута за првпат поведе на мечот (64-65). Тројка на капитенот Стојановски го донесе гостинскиот состав на плус четири 66-71 на четири минути до крајот. Гравет промаши две слободни при 68-71, а потоа заработи и техничка грешка. Од сето ова, Пелистер ќари само петта лична грешка на Крстевски, а промаши три слободни фрлања за израмнување.

Во целиот хаос на теренот, МЗТ поведе и со плус пет (68-75). Калахан постигна важна тројка за 72-75. Мекиќ погоди четири слободни фрлања за мирна завршница (72-79).

Бојиќ со 17 поени и 10 скока, Стојановски со 16 и Олуџоби со 15 поени и 10 скока, беа најефикасни кај МЗТ Скопје. На другата страна Кесар и Калахан имаа по 16 поени.

Вториот дуел меѓу овие две екипи се игра за два дена во Скопје.

ПретходноАлаба е во Мадрид се чека официјална промоција
СледноВидеолотарија има тројца нови милионери, а очекува супер-милионер, во секој миг