Од Лига Шампиони во Втора лига – тешка карма го стигна Силекс!

1596

Пишува: Зоран Ѓоршоски

За тие што не знаат, или заборавиле. Силекс во самостојна Македонија, од 1993 година па наваму, вчера по вторпат испадна од нашата фудбалска елита. Тоа му се случи во сезоната 2012/2013 кога заврши како последен, а вчера откако загуби во бараж дуелот од “второлигашот“ Тиквеш.

Што навистина им се случи на кратовци?

За само година дена од Лига Шампиони до Втора лига.

Дали кармата го стигна Силекс?

Дали некој таму од горе навистина гледа се?

Само да се потсетиме како и зошто Силекс лани играше во квалификациите на ЛШ. Вардар не доби лиценца, на негово место играше Силекс и во ЛШ, а потоа и во ЛЕ, и си “лапна“ најмалку 700.000 евра.

Дали некој уште тогаш го “проколна“ Силекс?

Оваа сезона ја заврши со освоен Куп на Македонија, со пласман во квалификациите во Конференциската Лига, но и со испаѓање.

Се разбира тие заработени милион евра за само една година, тука ги сметаме и парите од настапот на кратовци и ова лето во Европа, ќе бидат само слаба утеха за сите во Кратово.

Само да се потсетиме каде беше Силекс во ПМФЛ во август – септември. Сите фанови беа воодушевени од играта на четата на Горан Симов, на табелата беа горе, горе, речиси на врвот. Се споменуваше дури и битка за титула. Силекс тогаш го играше најубавиот фудбал во нашата елитна лига.

И, одеднаш, ТРАС….

Навистина чудно, фрапантно. Што ли му се случи на Силекс да има очајна пролетна полусезона, да не може во друштво на Борец и Пелистер да се спаси од испаѓање?

Одговорот на ова треба да го има раководството на клубот, тренерот Симов и се разбира играчите кои вчера на Арената во Скопје беа надиграни од “второлигашот“ Тиквеш. Кавадарчани им покажаа на кратовци како се сака својот клуб, како се гине за својот клуб, како со гордост се носи дресот на својот клуб.

И, се разбира, како се сака пласман во Првата лига.

Се она што го имаа фудбалерите на Тиквеш го немаа силексовци. По мечот не можеа да сфатат дека во следната сезона ќе играат во Втора лига – запад.

И ако им се утеха, таму одново ќе го играат големото дерби со Вардар, како некогаш.

Но некогаш, од 1993 до 1999 година тогаш Силекс и Вардар се “тепаа“ за титула во ПМФЛ, а сега ќе се “тепаат“ за пласман во елитата.

Што ти се вика КАРМА.

Силекс оди во Втора лига со полни џепови… со милион евра, но и со спуштено его, до земја.

Трипати шампион во ПМФЛ, трипати победник во Купот…

Си беше еднаш еден Силекс…

ПретходноЈа покори Италија и одлучи да си оди: Интер веќе бара нов тренер!
СледноЕмери е „специјалист“ во ЛЕ, Солскјер сонува прв евро-трофеј како тренер