Фудбалерите на Виљареал ја продолжуваат шпанската доминација во Лигата на Европа. Во маратонски меч со 11 пенал-серии, „жолтата подморница“ за првпат во историјата го освојува второто по ранг европско фудбалско натпреварување. Откако во 120 минути немаше победник, дури 11 серии од белата точка мораа да се изведуваат за да се добие новиот победник на турнирот на УЕФА. Откако сите 10 активни на теренот во двата тима беа 100% успешни, долуката да го решат победникот падна на голманите.
Најпрвин Руљи погоди за 11:10, а потоа Де Хеа не успеа да го совлада својот колега, по што трофејот оди во рацете на Шпанците. За шпанските тимови ова беше 7-ми трофеј во последните 10 години.
Манчестер Ј. мечот го почна со жесток притисок кон голот на Шпанците. Во 7. минута го видовме и првиот конкретен обид. МекТоминај биеше од работ на шеснаесетникот, само крај голот.
Обидувајќи да се ослободат од притисокот, фудбалерите на Виљареал во 16. минута преку Тригерос го имаа и првиот обид да го совладаат Де Хеа. За среќа на Англичаните ударот заврши високо над голот. Во 22. минута, фантастичен „рабона-центаршут“ на Бака, но без посериозна закана по голот на Јунајтед.
Во 29. минута 1:0 за Виљареал. Центаршут од слободен удар во шеснаесетникот на Де Хеа, одлично се постави Морено, кој упати удар и го совлада голманот на Манчестер Ј.
До крајот на првиот дел и двете екипи имаа по неколку полушанси, но резултатот остана непроменет, 1:0 за Виљареал.
По само 10 минути игра во второто полувреме, веќе видовме гол за израмнување. По еден изведен корнер и одбиена топка надвор од шеснаесетникот на Виљареал, Гринвуд биеше, топката се одби до Кавани, кој имаше лесна работа да ја спроведе топката во празната мрежа и да израмни на 1:1.
Во продолжение, Манчестер Ј. беше подобар, поконкретен, но не успеа брзо да направи целосен пресврт.
Во 71. минута 100% шанса за Манчестер Ј. Одлично уфрлување за Кавани од Лук Шо, но Уругваецот погоди во главата на дефанзивецот на Шпанците, Пау. Во последните десетина минути, Манчестер Ј. влезе со одлична шанса во 84. минута, кога Лук Шо нафрли, но Кавани и Гринвуд се сплеткаа кој да шутира и шансата пропадна.
Регуларните 90 минути завршија без победник, па мечот отиде на продолженија 2 х 15 минути.
Манчестер Ј. се обиде во првите 5-6 минути да наметне притисок, но откако паднаа физички, Виљареал ја презеде доминацијата и многу почесто се играше пред голот на Де Хеа. Солскјер првата замена ја направи во 100-тата минута од мечот, додека Емери уште во регуларниот дел замени дури петмина.
Откако и дополнителното време не даде победник, пеналите мораа да одлучуваат.