По објавувањето на скратениот список за настапот на репрезентацијата на Холандија, инаку наш ривал во групата Ц на ЕУРО, селекторот Франк де Бур имаше свој коментар околу неговите очекувања.
„Холандија уште по првите два меча ќе обезбеди пласман во 1/8 финалето на ЕУРО. Прво играме со Украина, во меч кој ќе го добиеме со 3:1, па потоа Австрија ќе ја победиме со 2:1, и на крај, во последниот меч ќе славиме победа над Македонија со 3:0. Од друга страна можеби би било подобро да загубиме од Македонија. Имено ако сме први во групата во натамошната фаза од ЕП ќе не чека ривал од групата на `смрта`, каде што се Франција, Португалија и Германија. Ако завршиме како трети ќе добиеме многу полесен противник, сепак идеално би било да сме втори“, посочи Де Бур.
Македонија и Холандија играат на 21. јуни во Амстердам, ова е последен меч за нашите момци во рамките на групната фаза. ЕУРО го отвараме против Австрија во Букурешт на 13. јуни, четири дена подоцна се среќаваме со Украина.