Еуро Никел по продолжение го совлада Работнички со 88-87 за 2-0 и се пласираше во финалето на плеј-офот. Во последната фаза од битката за титулата за противник ќе го има подобриот од МЗТ Скопје и Пелистер (1-0).
И двата тима имаа шанса за победа, но домашниот тим добро се снајде во финишот. На другата страна Питс беше трагичар кај гостите, не само што не реализираше за водство, туку и направи лична грешка.
Соколов со 18 поени и 6 скока беше прво име кај победникот, по 16 поени имаа Рикиќ и Дубински (11 скока). Питс со 31 поен беше најдобар стрелец на мечот.
Уште едно слабо прво полувреме одиграа „црвено-белите“, пред крајот на првата четвртина имаа двоцифрена негатива (23-12). Кавадарчани кои беа далеку порасположени во ист ритам продолжија и во следниот период, поведоа со 43-28, на одморот беше 43-30.
Работнички се разбуди по одморот, го доби третиот период, намали на 62-54 пред стартот на решавачките десет минути. Бундовиќ со тројка конечно израмни на 72-72 во 38. минута. По поените на Аска за 74-74, Еуро Никел не искористи напад на 15. секунди до крајот за победа, мечот се решаваше по продолжение.
Две промашени слободни фрлања, два не искористени напади, беа повеќе од доволно за домаќинот да дојде на важни 83-77. Работнички го врати ударот со серија од 1-8 поведе со 84-85 на минута до крајот (пет поени постигна Питс, три Будновиќ). Драмата во лудиот финиш ја добија сепак кавадарчани, Питс промаши, а потоа направи лична грешка за крај на сите надежи.
Кавадрачни после цели девет години ќе играат финале, последен пат за титулата се бореа во сезоната 2011/12, но тогаш беа совладани од МЗТ Скопје.