Македонската репрезентација пополека се комплетира и ја почнува мисијата ЕУРО 2020. Првите тренинзи се веќе одработени, а пополека се комплетира ростерот на Игор Ангеловски. Како што е познато Македонија ќе одигра два пријателски натпревари, со Словенија и Казахстан, а потоа патува на ЕП.
Енис Барди кој беше позитивен на коронавирусот е во добра здравствена состојба, нема симптоми и нема температура за разлика од првиот ден кога имал благо покачување на температурата. Тој останува во карантин во специјална соба во хотелот Хилтон каде што престојуваат репрезентативците.
Денеска од Италија ќе пристигне и капитенот Горан Пандев. Тој ќе им се приклучи на соиграчите на тренинзите, а селекторот Ангеловски ќе одлучи дали ќе го стави во игра за тест-мечот со Словенија на 1 јуни или ќе го чува за ЕП.