Интер е подготвен да го продаде напаѓачот Ромелу Лукаку во летниот преоден рок, пренесува „Калчомеркато“, повикувајќи се на вест на „Ла Република“.
„Нероаѕурите“ ќе бараат најмалку 100 милиони евра за Белгиецот, а интерес за него има од Реал и Барселона.
Денеска беше објавено дека неговиот поранешен клуб, Челзи, е исто така заинтересиран за 28-годишниот фудбалер и ја разгледува целата ситуација. Лондончани веќе контактирале со агентите на Ромелу, но се уште не дале конкретна понуда.
Лукаку ја започна својата кариера во Андерлехт, од каде во 2011 година се пресели во Челзи. Како дел од „сините“, напаѓачот не успеа да добие доволна минутажа, па замина на позајмица во Вест Бромвич Албион и Евертон. По епизодата во Манчестер Ј., во 2019 година се пресели во Интер за 74 милиони евра.