Кевин Де Бруин е под знак прашалник за настап на стартот на престојното европско првенство, поради сериозноста на повредата која ја заработи на синоќешното финале во ЛШ.
Утрово стана јасно дека Белгиецот има скршеница на коски во носот и левата орбитала и ќе мора да паузира извесен период. 29-годишниот играч за врска беше принуден да го напушти мечот во Порто по 60 минути по судирот со дефанзивецот на Челзи, Антонио Рудигер.
Де Брујн бил пренесен во болница за скенирање и рентген. На Твитер тој утрово објави за каква повреда станува збор.
„Здраво момци, само што се вративме од болница. Мојата дијагноза е акутна фрактура на коска во носот и фрактура на левата орбитала. Сега се чувствувам добро. Сепак разочаран од вчера, очигледно, но ќе се вратиме“, напиша Белгиецот.
Ваква повреда, според стручњаците ќе мора да се лекува најмалку три недели за правилно заздравување, што значи дека Де Бруин најверојатно ќе го пропушти стартот на ЕП и мечот со Русија во Санкт Петербург на 12 јуни, па може дури и оној со Данска во Копенхаген на 17 јуни.