Ненад Димитријевиќ и Хувентуд не успеаја да приредат сензација во првата четвртфинална пресметка против Барселона во плеј-офот во Лига Ендеса. На гостувањето кај каталонскиот гигант, тимот од Бадалона беше совландан со 84-74.
Сепак поразот не треба да биде разочарувачки, кошаркарите на Хувентуд беа рамноправен противник, во втората четвртина имаше водство од пет поени (33-38). Барселона победата ја осигура во третиот период, го доби со 20-12.
Димитријевиќ беше меѓу најдобрите во редовите на Хувентуд, средбата ја заврши како втор стрелец. Зад своето име запиша 16 поени, осум од нив во последната четвртина. Нено имаше 7/11 за два поени, 0/1 за три и 2/3 за еден поен, за нецели 17. минути додаде еден скок и три асистенции.