Стратегијата за родова еднаковст во спортот е нешто што во следните години ќе се применува на дело. Според најавите нема да биде нешто што ќе остане само на хартија и на зборови, за правото на жените во спортот веќе се превземаат чекори.
За новитетот кој доаѓа токму од оваа тема се обративме кај Силвија Митевска, советник за спорт во Владата на Р.М. Веќе е формирана работната комисија за родова еднаквост во спортот.
Во претходното интервју кажавте дека постигнување на родова еднаквост во спортот е еден од приоритетите на кои интезивно работите и преземате соодветни мерки за исполнување. Што поточно треба да очекуваме во следниот период по однос на ова прашање?
„Да, точно е, кажав дека родовата еднаквост во спортот е прашање на кое посветено работиме и тука очекуваме големи промени од грас-рут ниво па се до ниво на креирање на политики и механизми на донесување одлуки. Свесни сме дека треба да се подобрува ситуацијата на женскиот спорт и спортистките и спортските работнички треба да уживаат еднаква поддршка, третман и пристап до сите видови на ресурси. Спортот не е повеќе ставен на маргините, а пример за тоа е Стратегијата за родова еднаквост 2021-2026 каде една од приоритентните области за постигнување на родова еднаквост е наведен спортот.
Горда сум што во изминатиот период ја возобновивме Работната комисија за родова еднаквост во спортот при Олимпискиот Комитет. Во оваа Комисија членуваат проминентни спортистки, новинарки и претставнички на спортски организации кои освен експертиза и искуство ја делат и пасијата за родово-еднаков спорт. Имено, во Комисијата членуваат легендарните спортистки Гордана Нацева и Наташа Мешковска, деканката на ФФОСП Ленче Алексовска- Величковска, спортската новинарка Билјана Благоеска, експертката за фудбал Годана Бошевска-Цветковска, техничкиот секретар на Кикбокс Маитаи Федерација Ирена Митревска и нашата најдобра атлетичарка односно најдобра каратистка Дрита Ислами и Пулексенија Јовановска.
Оваа Комисија е засилена и со поддршката на Хелсиншкиот Комитет за човекови права, особено од извршната директорка Уранија Пировска која неодамна потпиша Меморандум за соработка со претседателот на Олимпискиот Комитет, Даниел Димевски“, вели Силвија Митевска.
Кој е главниот фокус на работа на оваа Комисија? И, што ќе произлезе од потпишаниот Меморандум за соработка? Дали имате веќе конретни активности?
„Главен фокус на работа на Работната Комисија е да предлага иницијативи за унапредување на родовата еднаквост во спортот и да учествува во креирање на програми и програмски активности за постигнување на оваа цел а кои се во согланост со приоритетите на Интернационалниот Олимписки Комитет. Истовремено, ќе го поттикнува и помага имплементирањето на родовата еднаквост во спортските организации, односно во националните спортски федерации и спортски клубови и секако соработка при застапување за унапредување на родовата еднаквост и правата на жените во спортскиот сектор. Во скоро време ќе имаме и назначена електронска пошта на која сите засегнати страни ќе може да не’ контактираат и да споделуваат информации по однос на родова (не)еднаквост.
Во меѓувреме, ги замолувам сите активни спортистки и спортски работнички кои се дел од спортски клубови или федерации да го пополнат онлајн прашалникот (https://forms.gle/MbeQ4TNDAukbNPAm9) и да ни овозможат пристап до релевантни и важни информации.
На основа на добиените податоци, Хелсиншкиот Комитет во соработка со Олимпискиот Комитет ќе организираат обуки со цел подигнување на свеста за родова еднаквост во спорт и зајакнување на механизмите за донесување на родово-еднакви политики во спортот. Во овие обуки ќе бидат опфатени сите национални спортски федерации а крајната цел ќе биде да се зајакнат капацитетите на раководството и на жените вклучени во спортскиот сектор со цел исполнување на предложената квота за родова застапеност на 30 % односно на 50 % на жени во сите органи на управување во спортскиот сектор“, објаснува Митевска.