Историја се тие времиња кога Македонија пред важни настани изигруваше само спаринг – партнер за учесниците на ЕП или СП. Сега ние сме “фраерите“, а други репрезентации ќе бидат спаринг – партнери.
Па така вечерва од 18 часот, на Нациоалната Арена “Тодор Проески“, момците на селекторот Игор Ангеловски ќе ја имаат првата “генералка“ во пресрет на ЕП. Ривал ни е нам добро познатата селекција на Словенија, која има квалитет, селекција со која сме играле во повеќе наврати и во последно време.
Секако дека резултатот е во втор план, поважно е да се види до каде сме, каде “кашламе“ со играта па веднаш тоа да се поправи. Се разбира дека и вечерва ќе одиме на победа, само со победи се гради победнички менталитет, во нашиот случај се задржува истиот, но сепак поважно е она што допрва следува, а тоа е настапот на ЕВРО 2020 кое стартува веќе за неколку денови, на 11 јуни.
А познато е дека два дена подоцна ние играме со Австрија во меч од 1.коло во Групата Ц.
Да споменеме дека во петок, на 4 јуни ќе одиграме и со Казахстан, исто во Скопје. Тоа за нас ќе биде втората и последна “генералка“ пред ЕВРО.