Во драматичен финиш МЗТ Скопје ја доби првата битка од финалето на плеј-офот

325

МЗТ Скопје Аеродром со 83:81 ја обезбеди првата победа во финалната серија од домашниот кошаркарски плеј-оф. Во својата сала, „штрковите“ во исклучително драматичен финиш, успеаја да ја одржат разликата која ја направија во првите три четвртини и на крајот да не дозволат сензационален пресврт од упорниот гостински тим.

Гостите од Кавадарци одлично го почнаа финалниот меч. Во првата четвртина тотално доминираа и успеаја да направат одлична предност од 8 поени, најавувајќи дека уште во Скопје ќе атакуваат на првата победа во финалната серија. Предводени од Караколев и Рикиќ кои постигнаа по 6 поени, кавадарчани првите 10 минути ги завршија со предност од 25:17.

„Црвеното светло“ кое се запали кај домашните и советите на паузата од тренерот Радуловиќ, дадоа резултат во вториот период. МЗТ Скопје комплетно се врати во игра, успеа да ги надомести тие минус 8, па дури и на пауза да замине со предност (41:37). Одлична четвртина за Олуџоби кој со 6 поени беше најрасположен во овој период кај домашните.

МЗТ Скопје и по полувремето се врати во ист ритам. Еуро Никел како да немаше сила за играта од првиот период, па веќе по три минути игра МЗТ Скопје почна да ја зголемува предноста и над 5 поени. Олуџоби беше фантастичен и во овој период, кога успеа да го наполни гостинскиот кош и на крајот на третата четвртина на домашните да им донесе предност од 68:56.

И кога се чинеше дека отпорот на Еуро Никел е скршен, кавадарчани возвратија со извонредна финална четвртина. Некаде до средината на последниот период успеаја да дојдат до едноцифрен минус (75:66), за во завршните три минути континуирано да ја топат разликата. Рикиќ беше главен двигател во играта на гостите, кои во последните 17 секунди дојдоа на минус еден (82:21), но МЗТ Скопје успеа да изнуди слободни фрлања од кои Мекиќ погоди еднаш за конечни 83:81 и предност од 1:0 за „штрковите“ во финалната серија.

Олуџоби беше фантастичен кај победниците со 24 поени, додека Дамјан Стојановски постигна 15. Кај Еуро Никел прв стрелец беше Соколов со 16, додека Дубински постигна 15, а Рикиќ заврши со 14 поени.

ПретходноАлушовски: Горд сум на играчите, ова е нивна титула
СледноГоразд Михаилов ќе го води Силекс во Европа, а потоа ќе го враќа во елитата!