Околу 500 гледачи ќе можат да ги гледаат финалните возбудувања од Европската Сребрена лига викендов во Струмица. Владата дозволи присуство на навивачи за завршниот Ф4 турнир од ова европско натпреварување, каде Македонија се надева дека, конечно, ќе успее да дојде до првото место.
Со одлука на Владата, Одбојкарската федерација на Македонија ќе може да дозволи присуство на 30% од капацитетот на салата „Парк“, или околу 500 места за да се исполнат сите протоколу за заштита од Ковид-19.
„Според препораките од властите ќе пуштиме 300 билети во продажба како дневни карти за двата меча и во првиот и во вториот ден. Останатите 200 билети ќе бидат за семејствата на одбојкарите, блиски соработници и партнери на Федерацијата. Тоа значи дека и во двата дена ќе имаме по 500 места предвидени за посетители во салата ’Парк’ во Струмица“, потврди генералниот секретар на ОФМ, Зоран Карановиќ.
Билетите како дневни карти за двата меча в сабота и за двата в недела ќе се продаваат по цена од 200 денари. Собраните средства ОФМ ќе ги донира во хуманитарни цели.
Во полуфиналето во сабота од 17 часот Македонија игра со Хрватска, додека од 20 часот ќе играат Унгарија и Данска. Финалето и мечот за третото место се в недела.
фото: CEV.eu