Борко Ристовски со „огнени стрели“: Малите луѓе од Битола не можеа да се помират дека губеа со 11 разлика

2234

Вардар 1961 со двојна круна ја заврши сезоната во македонскиот шампионат, до крајот остануваат уште два меча во СЕХА-лига, а потоа ќе почне градењето на составот за новите предизвици.

Амбициите и желбите беа поголеми, но оваа година е тешка за сите клубови. Пандемијата коронавирус го диктираше темпото, мечевите не се решаваа на терен, па и тие што се играа не беа според планот.

Во секој случај од таборот на Вардар се задоволни. Првиот голман, Борко Ристовски, по последниот меч испрати „огнени стрели“ кон Битола. Е.Пелистер беше најголемиот конкурент за титулата, но оваа сезона не успеа да ги исполни најавите, а Борко имаше што да порача.

„Кога сè ќе се собере, короната, кризата, оставање на тимот на цедило, ова е реален успех и можеме да бидеме задоволни, ја освоивме шампионската титула. Ова е еден од реален дострел, бидејќи играчите и тимот, се од она што беше слободно на пазарот.

На овој меч дека бевме посериозни во пристапот, до нас стигнаа некои информации дека противникот се жалел на некое судење, но и ние имаме забелешки бидејќи нам ни судеа судии од Битола, но ние немавме никакви примедби. Тоа одлика на мали луѓе кои не можат да се помират со фактот дека го загубија натпреварот во Скопје, губеа со 11 разлика, на крајот заврши со осум, едноставно тоа ни даде сериозен пристап“, ни изјави Борко.

Веќе се гледа кон новата сезона, она што е најважно да се оди чекор по чекор. Иако Вардар има проблеми во процесот на потпишување на договор, сепак искусниот чувар на мрежа е убеден дека навивачите ќе бидат горди на новиот тим.

„Треба да почнеме да размислуваме за следната сезона. Има неколку имиња кои потпишаа за Вардар, верувајте многу е тешко да се направи компактна екипа, иако вака од страна изгледа едноставно. Вардар уште го бие лоша репутација поради долговите кои останаа, треба премногу убедувања за да дојде квалитетен играч. Верувајте пред да дојдат се јавуваа каква е ситуацијата, треба да ги убедиш сите.

Ќе одиме чекор по чекор. Ова е нов Вардар, ова е само прва година. Мислам дека можевме да завршиме со уште некоја победа повеќе во Лигата на шампиони, но пак ќе кажам, короната, ситуацијата која не снајде, новите играчи, кога се ќе се собере и одземе, сезоната беше солидна. Очекуваме во следните сезони да се гради нов Вардар“, додаде Ристовски.

Борко нема да биде во составот на Вардар за последните две средби во СЕХА-лига, мора да оди на операција на коленото, проблем кој го мачи цела сезона.

ПретходноВеспрем го суспендирал Борозан, па ќе му го раскине договорот?
СледноМенаџерот на Роналдо ги почна преговорите со ПСЖ!