Македонската одбојкарска репрезентација викендов во Струмица ја очекуваат финалните мечеви од Европската Сребрена лига. Првиот голем предизвик е саботното полуфинале против Хрватска, селекција која како и Македонија е учесник на Европското првенство оваа есен.
„Подготвени сме, играме дома и како што олабавија мерките за Ковид-19 добро е што ќе играме пред публика. Тоа за нас преставува дополнителен мотив. Двата турнира не подготвија доволно за да ги увидиме нашите моментални слабости и да ги поправиме“, вели техничарот на нашата репрезентација, Филип Деспотовски.
Одбојкарите и пред почетокот на Европската Сребрена лига не криеја дека прва цел е златото.
„Сите го најавуваме златото, а него го заслужува пред се тој што најмногу го посакува и тој што ќе прикаже најдобра игра. За полуфиналето мислам дека сме подобра селекција од Хрватска, секако на хартија, но теренот ќе покаже. За финалето не сакам да зборувам. Прво да го поминеме полуфиналето, па ќе одиме чекор по чекор“, дополни Деспотовски.
Македонија против Хрватска в сабота од 17 часот ќе се бори за место во големото финале. Дуелите во салата „Парк“ ќе се играат со 30% пополнетост на трибините, односно пред околу 500 навивачи.