Марко Ѓоргиевски: Вака не смее да се игра за Македонија, ова да е последен пат

5627

Македонската репрезентација до 21. година вчера доживеа тежок, опоменувачки пораз на пријателскиот натпревар против Словенија на гостински терен од 3:0.

Цели десетина дена младите репрезентативци се подготвуваа за овој меч, а го одиграа како да воопшто немаат намера повеќе да настапуваат во дресот со националниот грб. Примени два гола во први десетина минута, без волја, со многу грешки, споро, неповрзано, нешто што не смее да се случи, особено не на меч кој е последен, еден вид генерална проба за есенските квалификации.

„Што да кажам освен дека ова е вистинска брука. Вака не смее да се игра во дресот на Македонија. Ние како репрезентативци целосно ја преземаме одговорноста за овој пораз, за ваквото очајно издание. Што може да се каже за меч во кој во првиот дел од единаесетмина играчи на терен, десет бевме со нула концентрација, нула желба, нула „инат“ во себе за надигрување, докажување и борба за националните бои. Не сработивме ама ниту еден процент од она што селекторот Благоја Милевски го побара од нас. Едноставно како да не бевме присутни на терен“ – вели кормиларот на оваа генерација за Спортмедиа, капитенот Марко Ѓоргиевски, па додава. 

„Од друга страна пак, овој меч можеби и добро ќе ни дојде, има во сето ова и нешто позитивно. Да знаеме како НЕ треба понатаму да се однесуваме кога го носиме дресот на Македонија. Тоа е свет дрес, мора да го разбереме сите. Дека ние, кои сме дел од репрезентацијата сме на некој начин привилегирани. Во смисла дека тоа е голема привилегија, но и голема одговорност. Сите ние знаеме колку можеме, дека имаме квалитет и потенцијал за големи нешта, но тоа се покажува и докажува на терен. Ова нека е последна опомена за она што следува, за мечевите од квалификациите, за кои ветуваме дека ќе бидеме на далеку повисоко ниво и дека ова против Словенија беше само еден лош ден“ – вели Ѓоргиевски. 

 

 

 

ПретходноГраџан и натаму дел од Е.Пелистер
СледноОфицијално: Тухел тренер на Челзи до 2024