Останува точно уште една седмица до стартот на Евро 2020, или уште единаесет дена до првиот, историски, меч за нашата репрезентацијата против Австрија на ЕП во Букурешт. Мислите одамна се кон Евро, но вечерва ќе мора да се одработи и “генералката“. Наш ривал е солидната селекција на Казахстан, која доаѓа во Скопје со цел да го изненади фаворитот.
Ова ќе биде последна шанса за селекторот Игор Ангеловски да види што е добро, а што е помалку добро за она што го очекува него и пред се неговите избраници на ЕП. Јасно е дека ќе има промени во составот во однос на пријателската со Словенија, која заврши со резултат 1:1. Шанса ќе добијат дел од оние момци кои засега беа во втор план. Тоа го најави самиот Ангеловски на вчерашниот прес, а Елиф Елмас, како и секогаш, така и сега е голем оптимист пред вечерашниот меч и посочи дека тој и неговите колеги ќе одат на победа. Нема да игра сигурно Енис Барди кој и на вториот ковид-тест има позитивен резултат. Веројатно во аут ќе биде Ферхан Хасани кој заработи повреда на носот на мечот со Словенија. Веројатно ќе истрча еден “шарен“ состав со кој ќе се обидеме да победиме и во победничка атмосфера го дочекаме 13 јуни и првиот меч на ЕП против Австрија.
Се разбира дека резултот е во втор план, поважно е некои комбинации да се воиграат, но исто така јасно е дека само со триумфи се “билда“ добра атмсфера.
Фановите очекуваат нова добра партија од своите миленици, нешто како што беше со Словенцит, но овојпат очекуваат и победа.