“Романтичарите“ се горди: Точно пола од репрезентативците кои ќе одат на ЕВРО 2020, биле дел од Работнички!

1237

Се наближува стартот на ЕВРО 2020, на кое за првпат ќе учествува и репрезентацијата на Македонија. Во вторник нашите херои патуваат за Букурешт, каде на 13 јуни се среќаваат прво со Австрија.

Одамна е познат списокот на играчи, вкупно на број се 26. Во изминатите неколку денови репрезентацијата одигра и два контролни меча. Со Словенија беше 1:1, примивме гол во 97.минута, а со Казахстан вчера блескавме и го победивме со 4:0.

ОД СТОЛЕ ДО КРСТЕ…

Кога ќе се погледне списокот на тие 26 играчи кои ќе ја претставуваат Македонија на ЕВРО, кога добро ќе се изанализира, ќе се види дека точно половина од нив барем еден ден некогаш биле членови на Работнички. Значи од 26 дури 13 играчи го носеле дресот на “романтичарите“. На овој податок луѓето од клубот од Градски парк посебно се горди.

И со право. Тоа кажува дека во изминатата деценија и повеќе, и тоа како квалитетно се работело во Работнички, а посебно во младинската школа.

Ајде да тргнеме од голманите. Столе Димитриевски, Дамјан Шишковски и Ристе Јанков. Сите се деца на клубот. Димитриевски во јануари 2012 година го направи еден од најголемите трансфери во историјата на мак – фудбалот кога потпиша за Удинезе.

Во одбраната Дарко Велковски и Ѓоко Зајков во целост ја минаа школата на Работнички, а потоа се промовираа во екстра играчи и во првиот тим. Кире Ристевски играше само една сезона за “романтичарите“. Засега се шест на број.

Одиме натаму. Во средниот ред тука се Елиф Елмас и Даниел Аврамовски, и двајцата се чист производ на Работнички. За Цујо своја заслуга има и Македонија ЃП. И двајцата и тоа како играа одлично некогаш за првиот тим на “романтичарите“. Стефан Спировски беше дел од Работнички во 2012 година. Тука е и Дарко Чурлинов, кој беше само дел од младинската школа едно време на “романтичатите“. Нема официјален настап, но сепак некогаш бил во клубот.

Во нападот тука е Иван Тричковски, кој во 2008 година направи супер трансфер од Работнички во Ц. Звезда. Додека  Милан Ристовски и Крсте Велкоски, се “деца“ на Работнички. Тие ја минаа школата на клубот, а потоа играа во првиот тим, имаат евро настапи, а Крсте беше и капитен на тимот.

Тоа се тие 13 репрезентативци кои некогаш биле дел од клубот од Градски парк. Во моментов само голманот Ристе Јанков е член на Работнички.

АНГЕЛОВСКИ, ИЛИЕВСКИ…

И во стручниот штаб на репрезентацијата има членови кои некогаш беа во Работнички. Селекторот Игор Ангеловски беше прво спортски директор на “романтичарите“, а потоа како тренер во период од 2,5 години освои три титули, две во купот и една во првенството, а го однесе Работнички во таа 2015 година и во плеј – офот во Лигата на Европа. Неговиот асистент во репрезентацијата, Милан Илиевски беше долгогодишен капитен на Работнички, освои се што можеше да се освои со тимот. Тука е да не го заборавиме и еден од физиотерапевтите Ангеле Милевски, и тој некогаш беше во клубот од Градски Парк.

Значи од целата репрезентативна експедиција, која ќе патува во Букурешт во вторник, дури  16 лица биле некогаш дел од Работнички.

ПретходноДобредојде Енис: Барди им се приклучи на своите репрезентативни колеги (ФОТО)
СледноТренерот на Лазаров порача: Ги победивме Келце и Веспрем, зошто да не и Барса?