Година во знакот на МЗТ Скопје. Тимот од Аеродром ја дојде осмата титулата во македонскиот шампионат, со „метла“ стигнаа до пехарот во пресметката со кавадарчани. Финалната серија ја доби со 3-0, на последниот денешен меч славеше со 89-78.
И на третата средба видовме интересна битка, драма како што доликува на едно финале, на крајот нијанси го одлучуваа победникот. Човекот од одлука е Андреј Магдевски, во клучните моменти даде две тројки, на крајот зад своето име запиша 21 поен, беше прв стрелец кај победникот. Бојан Крстевски запиша 16. Рикиќ и Караколев имаа по 16 поени на другата страна.
МЗТ Скопје имаше плус шест во првата четвртина, но кавадарчани го свртеа дуелот. Со серија од 2-8 поведоа со 27-33, а имаа и плус осум 31-39. Следеше период на домашните кошаркари, на одморот имаа минимални 46-44.

По само неколку минути игра, МЗТ Скопје на двапати поведе со двоцифрени 56-46 и 58-48. Секако, ова не беше доволно да се скрши отпорот. Кавадарчани најдоа сили и намалија на 58-54. Но, наместо да дојдат на минус два, направија намерна лична грешка, следеше казна.
Избраниците на Дарко Радуловиќ во последната четвртина влегоа со позитива од 71-62. Перовиќ и Петровски набрзина намалија на 71-67. „Сино-белите“ влегоа во криза, кавадарчани при 76-72 не искористија четири напади, да израмнат, но и да поведат.
Магдевски и Мекиќ го вратија својот тим во живот, со две тројки, МЗТ Скопје поведе со 82-72 на четири минути до крајот. Еуро Никел не успеа да се врати целосно, на крајот останува да биде задоволен со самиот пласман во финалето.










