Ванче Шиков, некогашен интернационалец во Австрија и Украина: Можеме да ја минеме групата на ЕП!

2704

Ванче Шиков, стоперот кој долги години играше во нашата најдобра репрезентација, фудбалерот кој дел од својата богата и успешна кариера ја мина во Австрија Виена (Австрија) и Волин (Украина), за СПОРТМЕДИА ги искажува своите размислувања за првите два меча на нашата селекција на ЕП, кое стартува на 11 јуни.

Познато е дека на првите два меча се среќаваме токму со Австрија и Украина.

Претходно да споменеме дека Шиков за Македонија одигра 52 натпревари а беше стрелец и на 4 голови, на некои мечеви беше и капитен.

Кога бев во Австрија Виена играв против Сабицер, Илсанкер, Лазаро, Улмер, се се тоа играчи кои во недела ќе играат против нашата селекција. Австрија располага со квалитет, но формата не им е баш најдобра, како што беше пред две години кога не победија во два наврати. Имаме и тоа како шанси против Австрија, сметам дека можеме да ги победиме. Иако и реми нема да биде трагедија за нас. За разлика од Австрија во нашиот табор атмосферата е победничка, посебно по победите над Германија, потоа контролите со Словенија и Казахстан. Оваа репрезентација предводена од Пандев и селекторот Ангеловски е нешто посебно. Имаме квалитет, можеме да се носиме со Австрија, тоа е мојот заклучок. Добро е тоа што има и еуфорија во јавноста, тоа им дава крила на нашите момци“ вели Шиков.

ПОТЕШКО ЌЕ БИДЕ СО УКРАИНА…

Интересно, тој беше во репрезентацијата кога овој состав се градеше…

Да, и затоа многу добро знам што можат Пандев и другарите. Верувам во нив, посебно во Горан и селекторот Ангеловски. Играме добро, нашите момци играат во големи клубови, во силни лиги, и нема причина да бидам песимист. Што се однесува до вториот дуел, против Украина, сметам дека за нас ќе биде потешко отколку со Австрија. Добро е за нас што нема да играат Коваленко и Конопљанка, но тоа е проблем за Шевченко. Сега не можам да се сетам дали сум играл против некој од сегашниот состав на Украина кога бев во Волин, но тоа е најмалку важно. Украина игра специфичен фудбал. Нема убавина, нема многу голови. Тој меч на 17 јуни веројатно ќе го реши само еден гол, се надевам дека ние ќе го дадеме. Како што реков, верувам во овие момци, верувам дека можеме да ја минеме групата. Тоа ќе биде фантастичен успех за нас. Секако на крајот да има порачам на некогашните мои соиграчи дека ќе навивам за нив, за Македонија, дека ја имаат сета можна поддршка и дека им посакувам многу среќа. Напред Македонија“ заврши Шиков.

ФОТО: fkrabotnicki.com

ПретходноМеталопластика последна обврска за Вардар сезонава
СледноДавид Дејвис повеќе не е тренер на Веспрем