Како што и најавивме вчера, Спортмедиа во време на ЕУРО 2020 преку своите стручни коментатори, а ги имаме четворица, ќе дава свои анализи, коментари, се разбира во преден план ќе биде настапот на нашата репрезентација.
Почнуваме со Мирсад Јонуз, екс селекторот и еден од нашите најпознати тренери кој секогаш го кажува она што го мисли.
“Голема работа е што Македонија ќе учествува на едно вакво ЕП. Затоа велам дека и јас сум горд што мојата земја за првпат ќе настапи на едно големо натпреварување. Сета поддршка за момците. Веќе кога ни се укажа шанса преку Лигата на Нации да дојдеме до ваков успех ние на најдобар начин ја искористивме. И со право сме тука каде што сме“, посочува Јонуз.
ЗА РИВАЛИТЕ ВО ГРУПАТА
Нашата репрезентација веќе е во Букурешт каде во недела против Австрија ќе го одиграме првиот меч.
„Австрија е силна репрезентација, игра брз и модерен фудбал, Украина исто има квалитетен состав. Ги гледав на контролните мечеви и самиот се уверив во тоа. Холандија си има проблеми. Сепак не сме без шанси, имаме добар тим. Според мене најважно е првиот меч да не се загуби, да си уште во игра. Јас не знам дали ќе успееме да ја минеме групата, но знам дека Пандев и компанија ќе дадат се од себе, како што беше досега“.
ШТО МОЖЕМЕ СО ФОРМАЦИЈАТА 3-5-2?
Јавна тајна е дека Македонија ќе игра формација 3-5-2…
“Селекторот тоа веќе одамна го практикува и тоа е јасно. Сака цврста одбрана со офанзивни бекови. Прашањето е што ако први примиме гол, како тогаш би се трансформирале во офанзивната 4-4-2. Посебно кога играш со силни противници. Можеби звучи смешно, но нам големи проблеми ни направи победата над Германија. Сега сите до детали ја анализираат нашата игра. Кога сме кај тој меч во Дизелдорф, јас тогаш бев во Катар и немаше фудбалски човек во мојата околина кој не ми честиташе после таа победа. Велам дека ние не сме веќе изненадување. Тоа ќе ни задава проблеми“.
ИМАМЕ ОДЛИЧЕН СРЕДЕН РЕД
Јонуз смета, за разлика од порано, дека оваа репрезентација има одличен среден ред.
„Во минатото сме имале добра одбрана, добар напад, но секогаш проблем ни правеше средниот ред. Сега е поинаку, со Адеми, Барди, Николов, Спировски и останатите имаме навистина одличен среден ред. Тој дел од тимот треба да биде клучот за успешен настап на ова ЕП. Мој совет е еуфоријата во јавноста да не смее да се пресели во репрезентацијата, но тоа Пандев ќе го реши сигурно, премногу е искусен и знае како треба да се однесува нашиот тим во вакви моменти“.
МОЖЕМЕ ДА ИЗНЕНАДИМЕ
И Јонуз, како и сите ние, верува дека можеме да изненадиме.
“Видете, Македонија како што реков има добар тим, игра во добра форма, игра долго заедно, момците знаат што можат, сметам дека можеме да изненадиме. Она што беше со Словенија и Казахстан заборавете, тоа се пријателски мечеви во кои се воигрува тимот, се прават тактиките. Она вистинското доаѓа од петок па натаму, за нас од недела. Секако дека ќе стискам палци за Македонија, им посакувам на момците многу среќа и успешен настап“, заврши Јонуз.