Општо познато е дека нашиот капитен Горан Пандев на ЕУРО 2020 ќе биде еден од највозрасните фудбалери. Тој на 27 јули ќе наполни 38 години. Секако дека во нашиот репрезентатвен тим составен од 26 играчи тој е највозрасниот, но и најдобриот. Од него се очекуваат добри партии, како што е и обичај, на натпреварите на нашата репрезентација на средбите со Австрија, Украина и Холандија. Се надеваме и во следната фаза.
Од друга страна најмлад во нашиот табор е Дарко Чурлинов, големиот талент на мак – фудбалот и член на германскиот гигант Штутгарт. Чурлинов на 11 јули ќе наполни 21 година.
Ако се знае дека пред три дена Пандев го прослави својот јубилеј, точно 20 години од првиот настап во нашата најдобра фудбалска репрезентација, тогаш ајде да пресметаме колку години имал Чурлинов на 6 јуни 2001 година кога Пандев го одигра својот прв меч за Македонија и тоа против Турција кој заврши 3:3.
Па така ако се знае дека Чурлинов е роден на 11 јули 2000 година, тогаш лесно се пресметува дека срелецот на последниот гол против Казахстан на “генералката“ во Скопје, се уште немал полна една година кога Пандев заиграл за првпат за Македонија.
Интересно, во секој случај.
Да кажеме и тоа дека Чурлинов е нашиот најмлад фудбалер во историјата кој настапил за А-тимот на Македонија.
Имено на 28 март 2017 година, Чурлинов со неполни 17 години влезе во игра во 82.минута на мечот со Белорусија, кој ние го добивме со 3:0. Два од тие три гола беа дело токму на Горан Пандев.